Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност од Скопје во рамките на својата годишна програма реализира истражувачки анкети од сферата на образованието, едукацијата, културологијата, културата и уметноста. За таа цел веќе се реализирани анкетите: Кои личности и настани во културата и уметноста во РМ ја одбележаа 2018 година; Што и колку читаат средношколците; Каква литература читаат студентите.

Неодамна, Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност од Скопје ја реализираше и својата најнова анкета: Што читаат граѓаните на Република Македонија. За таа цел се обрати до библиотеките во Република Македонија и ги доби следниве одговори.

На прашањето кои пет книги од странски автори беа најчитани во 2018 година во Вашата библиотека, беа издвоени следниве наслови: Бојата на златото, Девојката врана, Сестрата сенка, Сестрата создадена од бура, Принцезата Султана, Казна за гревот, Те нема никаде, Сувенир, Тајните сестри, Богат татко,сиромашен татко, Жена во црно, Жена во сино. Зад затворени врати, Го имам твојот број, Или ти или никој, Фати ме, Ленинградска зима, Девојчето на гребенот, Ангелско дрво, Шепнувачот, Одмазда…

Додека пак, на прашањето кои пет книги од македонски автори беа најчитани во 2018 година во Вашата библиотека, библиотекарите ги издвоија следниве книги: Другата, Споменка, Бездомникот со златен часовник, Се гледаме на врвот, Гол човек, Жива меѓу мртвите, Вештица, Киднапер, Колекционер, Облечен човек, Резервен живот, Стравот, Понекогаш доаѓа среќа, Лифтот (не) е за двајца, Насмевка со цимет , Во виното е вистината, Сенки на полноќ , Нашето последно кафе…

На прашањето кои пет странски автори се најпопуларни и најбарани во Вашата библиотека, беа посочени следниве автори: Роуз Тремејн, Ерик Аксл Сунд, Лусинда Рајли, Јелена Бачиќ Алимпиќ, Зорана Шулц, Линдвуд Баркли, Елен Гоуџ, Тес Геритсен, Џејн Ен Кренц, Карлос Руиз Зафон, Паоло Коељо, Јасмина Кадра, Тес Геритсен, Софи Кинсела, Лиса Гарднер, Сузан Елизабет Филипс, Донато Каризи, Кристин Хана, Паулина Симонс, Брунилда Зллами, Ден Браун, Ју Несбе, Стив Бери…

Додека пак, на прашањето кои пет домашни автори се најпопуларни и најбарани во Вашата библиотека, еве ги добиените одговори: Горјан Петревски, Петре М. Андреевски, Венко Андоновски, Коста Петров, Игор Џамбазов, Ниче Димовски, Винка Саздова, Лидија Димковска , Румена Бужаровска…

И, последното прашање во анкетата беше кои области се најпопуларни и најбарани во Вашата библиотека, а според добиените одговори предничат следниве области: љубовни романи, романи за деца, тинејџерски романи, стручни книги, крими приказни, психолошки книги, трилери и книги за самопомош.