СЛАБО ГОВОРНИШТВО Е ОНА КОЕ ПОКАЖУВА ДЕКА ГОВОРНИКОТ ЗНАЕ САМ ДА ЗБОРУВА. ЗБОРОВИТЕ МОРА ДА БИДАТ УПОТРЕБЕНИ КАКО СРЕДСТВО, А НЕ КАКО ЦЕЛ.

Рејнолд

АКО РАЗГОВОРОТ НЕ ВОДИ КОН НИШТО. – И ЕДЕН ЗБОР Е ОДВИШЕН!

Кинеска мудрост

Умешноста при користењето, пласирањето и сугестивноста на зборот и аргументот – е доминантна вештина во говорната култура: тоа се однесува колку на разните седници и средби, настапи на симпозиуми и пред пошироките аудиториуми, каде што е битен и визуелниот и содржинскиот ефект на беседништвото, толку и во случаите на тете-а-тете контакти како од интелектуален, така и од деловен вид.

Времето во кое живееме, очигледно сî повеќе е време на деловноста, на маркетингот, на неопходноста од квалитетна говорна комуникација, особено меѓу деловните партнери. Современиов свет, кој, меѓу другото, е сî повеќе и свет на бизнисот, деловната култура и вештината во водењето деловни разговори станува предуслов за успех. Во таа смисла, книгата на Тамара Арсовска доаѓа во вистинско време и како драгоцена помош за секој човек во деловниот свет. Добро обмислена и прегледно систематизирана, книгава, низ своите единаесет поглавја, ги обработува најважните и неопходни елементи на говорништвото и говорната комуникација, како што се, на пример: вештината на говорот, убедливоста на говорникот, неопходните подготовки за водење деловен разговор, универзалните принципи на говорништвото, деликатните и критичните компоненти, сервирањето информации и прибирањето податоци, ефектното пласирање докази и аргументи, умешноста при сервирањето забелешки и приговори, крунисувањето на разговорот итн., – значи неопходните чинители на секој успешен говорен контакт со потенцијалниот соработник, клиент или деловен партнер.

Како долгогодишен професор, новинар и публицист, Арсовска со голем успех ја пласираше оваа материја преку серија образовни емисии на Македонското радио, што е, секако, еден од продуктивните резони да ја подготви оваа корисна и интересна книга. Напишана лесно и читливо, со лежерен и привлечен јазик, често со духовити досетки и споредби, таа е разбирлива за деловните луѓе од различни стручни и образовни нивоа и ќе им биде од несомнена корист на сите професии што во себе ја содржат потребата од разговори со кои другата страна треба да се увери или разувери, да се придобие нејзината доверба, што е важен чекор кон успешниот деловен резултат.

Да повториме: во нашиов простор книгите од ваков вид се дефицитарни, одамна нужни, па книгата КАКО ДО УСПЕШНИ ДЕЛОВНИ РАЗГОВОРИ доаѓа во вистинско време и како драгоцена помош како за секој деловен човек, така и за развојот на општата деловна култура кај нас.

Љупчо Копровски, Филозофски факултет – Скопје

Олга Градишка-Теменугова, Економски факултет – Скопје