1.

Чедо Јакимовски.

Роден е на 22 февруари 1940 година во Кратово, а починал на 12 јануари 1993 година во Скопје.

Ете, животот така сакал да се роди и умре во зима.

Имав среќа да го запознаам и лично (во Друштвото на писателите на Македонија и на Струшките вечери на поезијата): беше скромен и тивок, би рекол повлечен и воздржан, а истовремено резигниран, гневен и таинствен.

И тоа со право.

Не пишуваше и не објавуваше многу, а и тоа што го запиша и стави на хартијата е издвоено и ретко, редуцирано и селективно, егзалтирано и трајно.

Од претходниците дознав дека бил новинар, уредник, но и главен уредник на весникот Млад борец, каде и јас, како и тој, вадев парче скопски леб.

Пред неколку години бев и на манифестацијата Лесновски ѕвона, што ја организираше Живко Кондев, и заедно со Михаил Ренџов, Гордана Михаилова-Бошњаковска, Тодор Чаловски и повеќе други писатели и членовите на неговото семејство му оддадовме почит на неговото вечно почивалиште – градските гробишта во Кратово.

2.

Но, зошто Чедо Јакимовски се определил за една од најтешките форми на поетско изразување – сонетот? Најверојатно, поради егзактната структура, концизноста, јадровитоста, лапидарноста, или со еден збор кажано – совршеноста.

Чедо Јакимовски во неговите само неколку поетски книги: Нарциса (1966), Лажно море (1971) и Халеевата комета (1985) ги испиша едни од најубавите сонети во македонската поезија. Па, сосема е во право Братислав Ташковски кога за Чедо Јакимовски вели: Песната е исклучителна или воопшто не е песна!

Да, токму така, сонетот претставува таква форма каде не смее да има ни еден одвишен збор, произволности и импровизации.

Сî мора да биде прецизно и точно, искрено и доживеано, мајсторски подредено и органзиирано, поставено и заокружено, осмислено и реализирано.

Сонетот бара версификаторско знаење и умешност, посебност и различност, искуство и дарба.

Бегајќи од фразеологијата и спонтаноста, извештаченоста и конструктивизмот, повторувањето и банализирањето, создавачите на сонетите постојано истражуваат и пребаруваат, за да бидат нови и оригинални, единствени и неповторливи.

Такви се и сонетите на Чедо Јакимовски: исцизелирани, избрусени, изгравирани.

3.

И додека во сензитивните рефрени за мртвата Евридика орфејски ја воспева изгубената љубов поентирајќи со констатацијата: тебе те најдов но себе се изгубив; во Самотно изгнанство изјавува и потенцира дека волкот го убивам во мене што вие и своето проклетство го носам на рамо; во Лесновските ѕвона ги опејува просториите заспани и празни, потсетува дека низ неговото изгнанство има една чудна тага и на крајот крикнува: јас од младоста изгубив секоја трага, сî е затворено и секој збор е речен, сред беспаќе изгубен стојам, додека живите чудни соништа сонат, на исток згасна и ѕвездата моја; во Бигорска чешма í се обраќа на Водата: ја излекува мојата пустина само, дали ќе го излекуваш изгнанството во мене; во Фреска изразува надеж дека крвта од нозете на патот пуст и матен ќе биде светла ѕвезда што во сјајот ќе ме всели, плашејќи се и констатирајќи: ја убивам змијата на стравот пред да ме касне иако смртта испиша на моето чело кој го победил мракот од светлоста ќе згасне; во Песна пишува за пукањето на животниот конец кога ќе удри последниот ѕвонец и во тревата ќе блеска траг од стари стапки а од идните дрва ќе ронат капки – во нивната светлост ќе бидеме ние; во Молчење на дождот: заљубени во времето измислени од смртта, збор ли баравме неречен и таен, престапни сништа, стара убавина што трае, времето и вечноста во идните дништа; во песната Дојран, дожд: чунот на сонот, свеста, друго време, искинати спомени и иднината; додека пак во Не будете ме ноќва: в зори ќе заминам некаде да пијам од сјајот, знам кој паднал немоќен на крајот прв ќе стои, кој згаснал на почетокот заискрува на крајот, јас сум буден само во сонот, од некое далечно јаве се гласи кобно ѕвоно, во овие предели лежат очите што ги љубев…

Во песните од Чедо Јакимовски еден од најчестите симболи е дождот. Тој пее лирски и растреперено: Дали зборовите морето ги сокри, не ретко употребувајќи го и терминот изгнанство, најверојатно чувствувајќи се и самиот така, осамен и замислен, бележејќи животни ситуации и атмосфери, настани и случки, со многу емоции и страдања, прашалници и дилеми, загледаности и контрасти, размисли и поуки…

Поезијата на Чедо Јовановски, всушност, претставува лирски контрапункт, сонетен венец, вечен непребол, потврда и порив, доказ и факт, за едно време и еден простор, за еден патник и протагонист, човек и хроничар, актер и сведок, светилник и меѓник!

Лесна му земја и вечна слава!

Скопје, 28 февруари 2018 година