Наспроти декларативното и теоретското, реалното и фактографското во врска со инклузијата на лицата со посебни потреби кај нас е многу слична со графитот: Во стварноста е реалноста сосема поинаква!

Всушност, фактите и сознанијата се многу повеќе поразителни и негативни, отколку охрабрувачки и позитивни. Етичките принципи или не постојат, или пак, се недоволно присутни и екстремно нарушени.

Всушност, лицата со посебни потреби, имајќи го предвид и моето лично искуство на тој план, се неправедно отфрлени, маргинализирани, запоставени и најчесто препуштени само на самите себеси. Во вистинска и буквална смисла на зборот – тие се хендикепирани. А, и постојано се оквалификувани и се зборува за нив како за лица со посебни потреби (божем тие имаат некакви посебни побарувања), а не за лица со посебни можности!

Да, тие се тука, но како да се невидливи. За нив главно се грижат само нивните семејства и најблиските, па и покрај декларативните заложби и теоретски стојалишта – дека сите се еднакви и рамноправни, факт е дека е тоа така сасмо на хартија.

Имено, најголемиот дел и број од лицата со посебни потреби доколку се образуваат – тие посетуваат специјални, а не редовни училишта. Нивната инклузија е оневозможена од страна на врсниците и нивните родители, иако има и исклучоци од правилото и сосема поразлични и позитивни примери.

Факт е дека лицата со посебни потреби имаат природен хендикеп и немаат исти можности со другите лица, но понекогаш се случува некои од нив да имаат и посебни интелектуални можности на сметка на физичките недостатоци и потешкотии. Но, исто така, за среќа, се случува лицата со посебни потреби доколку се вработат да бидат посовесни, потрудољубиви и полојални.

А, тоа сето значи дека за нив треба да се води посебна и перманентна грижа уште во нивниот ран развој – уште во основното образование, каде тие треба да бидат вклучени во редовната настава и со нив да работат наставници и професори кои се обучени и стручни, но и кои поседуваат морал и етика, односно кои се совесни, чесни и достоинствени.

На лицата со посебни потреби не им треба сомилост и сожалување, туку конкретна и реална помош и поддршка, еднаквост и рамноправност и вклучување во сите сфери на животот.

Поради хендикепот тие лица се соочуваат со бројни препреки и бариери, па дури и со рампи за нивните инвалидски возила, а да не говориме за превоз, концерти, театар, филм, спорт…

И, додека е така, нив првенствено ќе им помагаат дефектолозите ( се разбира, и поради економскиот интерес), но сепак, и тие што се определиле да бидат дефектолози – се хумани и имаат човечност и професионална етика.

Етичките принципи при инклузијата на лицата со посебни потребни се неодложни и императивни!

 

м-р Ана Петреска