МАКЕДОНСКИТЕ АВТОРИ, ЧИТАЊЕ И ПРОЧИТУВАЊЕ

      Современиов миг што го живееме е преполнет со информации од секаков вид. Човештвото оди во насока којашто, секако, само си ја определило. Во таа забревтаност кон поубава општествена иднина, владеат законите на природата, што ќе рече, најсилните, најголемите остануваат во трката. Ние секако не сме ни во најголемите, ни во најсилните. Причините, повеќе или помалку, ни се познати. Но може ли нешто да се направи за да се унапреди, усоврши, да се раздвижи состојбата во однос на домашните автори? Звучи иронично, но се чини, се намножија повеќе „писатели“ отколку читатели. Сепак, ако го занемариме ова, во нашава средина има  читатели и тоа од различен вид. Некои читаат постојано и веќе оформиле свои критериуми во однос на книжевниот текст, некои читаат по препорака на друг, а најретко според препораките на книжевната критика. Колку македонските читатели ги читаат македонските автори? Многу помалку отколку преведените. Како долгогодишен професор по македонски јазик и книжевност, континуирано го следам процесот на објава на наши автори, но и на поврзувањето на нивното творештво со нашиот читател. Благодарение на книжевната критика, ние развивавме (критички) однос кон нашите автори, но колку нашите автори се читани и колку се прочитани? Според Борхес (во однос на книжевната критика), многумина автори се читани, но колку вистински се прочитани, зависи од читателот, од неговата кадарност да допре, да продре до суштината на еден текст. А под напливот на, речиси агресивното наметнување од страна, нашиот автор како да е стиснат во некој агол од којшто се обидува да излезе и да покаже што знае. Може ли? Според мене, да. Зашто  во текот на мојата работа, самоиницијативно, промовирав и доближ(ува)ив повеќе наши автори во мојата средина. Ми се чини, сегашните промоции се случуваат (инцидентно и) по принципот кој како знае и умее и затоа ефектот е тој што е. Мислам дека ова може да се надмине со организирана и заедничка работа на повеќе чинители. Здружено; автор, промотор, библиотека, Дом на култура, училиште, па дури и Месна заедница.  Книжевната критика и ако постои(а постои), се чини е речиси недостапна до широк круг читатели и се сведува  на суштина сама за себе. А и читателите го сакаат делото, а не критиката. Но доколку критиката им го доближи соодветно, односот се менува, критериумите за вредноста се изоструваат и читателот веќе има свој став и знае што сака. Ова го зборувам од искуство. Книжевната критика треба да го заинтригира читателот, да го намами со суштинското на книжевниот текст, а потоа да го остави читателот да го нахрани своето љубопитство. Разбудувањето на љубопитноста за одреден автор е тоа што ни е потребно. Љубопитност за нашите автори… Како да го направиме тоа? Со директна средба лице в лице со читателот. Да му отидеме „дома“. Со стручно објаснување  и сериозно навлегување во делото на одреден автор, но без премногу „ученост“, зашто идниот читател не секогаш (освен ретки исклучоци) го засега тоа. Начинот на кој се доближува уметничкиот текст и јазикот со кој промоторот му се доближува на читателот барајќи го неговото внимание, треба да е едноставен и сугестивен. Ова го тврдам и како професор по книжевност и јазик, но и како долгогодишен промотор на многу наши автори. Потребно ни е средбите со (идните) читатели, за секоја (нова објава, по можност)  да се одвиваат континуирано од место во место (во сите краишта) независно дали станува збор за село или град. Секаде има луѓе што бараат нешто да се случува. За жал, повеќето настани се случуваат во Скопје. Јасно ми е дека сѐ е поврзано со материјални трошоци, со пари, но ако се соберат заеднички сили, можно е работите да тргнат на подобро. Бидејќи ние сме и просторно мала средина, тоа и не би било толку тешко и скапо. А и што може да е поскапо од одржувањето на јазикот, на менталната кондиција на еден народ и неговото опстојување? Многу писатели, а можности малку за тоа каде да ги пласираат своите книги. Библиотеките прават напори, но за им се помогне и ним, потребна е соработка токму со нив. Како посредници, убаво е да се ангажираат (сѐ уште има посветени) просветни работници кои имаат најсилно влијание и кај учениците и кај родителите, но и пошироко, во односната средина. Малите места се желни за вакви настани. Доближувањето на книгата директно до читателот е можно и во летни кампови, одморалишта, викенд населби и сл. Бидејќи јазичниот простор ни е стеснет, нужно е да се прошират активностите за доближување на македонскиот автор до македонскиот читател. И мора да се нагласи дека различни се можностите за претставување на поезијата, различни на прозата. А драми како и да не се пишуваат (барем мене не ми е позната некоја понова драмска објава). Економијата не ја разбирам, но уверена сум дека може да се прават финансиски конструкции кои би оделе во прилог на читањето домашни автори. Ефектите не би биле веднаш видливи.

      Што се однесува пак до издаваштвото, колку и да тврдиме дека мора да се придржува и однесува според законите на пазарната економија, факт е дека во нашава мала средина, тоа е прилично тешко. Потребно е помошта од Државата да биде посериозно разработена и зголемена, зашто книжевноста и другите културни дејности се од сериозно општествено значење.

       Може многу да се зборува (и работи) на оваа тема, но доброто за сега  е токму засегнувањето на истава.