ПОУКИТЕ ОД ФРАНКФУРТ

Книгата е мртва – да живее книгата! Издаваштвото е мртво – да живее издаваштвото! Вака најкусо и најпрецизно може да се опише и дефинира состојбата со издаваштвото и книгите денес.

Но, по посетата на еден од најстарите и најголемите светски саеми на книги, оној во Франкфурт, како да нема причини за толку голема разочараност, скепса и црни предвидувања.

Имено, таму се уште врие од посетители како во пчелина кошница, присутни се бројни издавачи од целиот свет, момчиња и девојки се облечени во ликовите од книгите, дефилираат низ саемските хали и создаваат прекрасна атмосфера.

Но, она што е посебно битно, иако оваа врвна светска манифестација првенствено е (ре)презентативна а не продажна, таму се бројни и купувачите кои се враќаат дома и тоа со полни картонски колички специјално направени за   таа намена со книги.

Значи, иако печатеното издаваштво е во стагнација и криза, тоа е далеку од негово одумирање и исчезнување. На неговите искуства и според  неговите темели, постаменти и концепти се појави и се развива електронското издаваштво. Но, печатеното и електронското издаваштво колку и да се загрозуваат и исклучуваат, тие се компатибилни, се проткајуваат и надополнуваат.

Сепак, ако нема потреба од толку многу загриженост, нема ни толку многу место за оптимизам. Зашто, електронското издаваштво е побрзо, попродорно и поевтино, па информацијата и производот за миг се дистрибуираат и стигнуваат ширум светот, но чувството кое го имате при читањето книга не на мониторот од компјутерот или екранот од таблетот или мобилниот телефон, туку при тактилниот вистински допир на рацете е неповторливо и незаменливо.

Меѓународниот саем на книгата во Скопје иако постои со децении се уште се бара и не е ни вода ни риба, зашто е и изложбен и продажен истовремено, а најмногу од се е локален панаѓур. Без значајни издавачи од Балканот, Европа и светот, без познати писатели од земјата и странство, без организирани посети на ученици и други помасовни посети и посетители, тој однапред е осуден на просечност, скромност, безидејност и без иднина.

Затоа, предлагаме Меѓународниот саем на книгата задолжително да влезе во програмата на сите основни и средни училишта во Република Македонија за посети на значајни културни и образовни манифестации, како што е со саемите  во соседството, и сите училишта и ученици да го посетат организирао, зашто нема поубаво место кое би требало да го посетат учениците во текот на учебната година и да се сретнат со книгите, да другаруваат со писателите и да присуствуваат на промоции, разговори и работилници. И уште нешто: бидејќи излагачите плаќаат за својот изложбен простор, предлагаме влезот на Саемот на книгата во Скопје да биде слободен и без никакви влезници, со што драстично ќе се зголеми посетеноста, љубовта и пристапот кон книгата и тоа од најмали нозе, па Саемот ќе стане вистински меѓународен саем а не локален панаѓур.

И за крај: Саемот на книгата во Скопје треба да се одржува два пати годишно: во пролет (во април), но и во есен (во септември) за да можат учениците поевтино и благовремено, на едно место да ги набават лектирите и училишниот прибор по навистина пристапни цени.