Пишува: Трајче Кацаров

МУ ТРЕБААТ ЛИ НЕКОМУ  МАКЕДОНСКИТЕ ПОЕТИ ?

„Дента кога ја запознав, жена ми имала еден таканаречен внатрешен конфликт, одејќи повеќе саати низ центарот на градот не знаела дли да купи капут кај фирмата Браун или, пак да купи костум кај фирмата Книце. И така развлечена меѓу фирмата Браун и фирмата Книце конечно се одлучила да не купи ниту капут кај фирмата Браун ниту костум кај фирмата Книце, а наместо тоа да го посети Уметничко -историскиот музеј , во кој до тој миг била само еднаш во животот, во раното детство со татко и за рака, кој бил човек со голема смисла за уметност“ Така во романот „Старите мајстори“ на Томас Бернхард, главниот лик Регер на својот пријател Ацбахер седнати на клупата во салата Бордоне во Уметничко-историскиот музеј  пред сликата на Тинторето, Белобрадиот старец, го опишува денот кога ја запознал својата жена.  

                                                                        ***

На прашањето што ми го постави човекот жител на еден од културните центри во Европа, и се однесуваше на тоа, колкав е интересот кај мојот народ за Уметничките галерии, му реков дека имам чувство оти луѓето кај нас влегуваат  во музеите  случајно, односно само ако внатрешноста им ја искорситат како спас од лошото време. На пример ако те зафати дожд а ти немаш чадор, бегаш под првиот покрив што ќе ти излезе на патот, понекогаш тоа е музејскиот.

                                                                      ***

Во 1985 година на неколку метра од портите на Уметничката галерија ,  сцената начинета од елементите од кои се правеше боксерскиот ринг кога во градот се одражуваше Боксерска ревија,  неколкумина млади и надежни поети ја искорсистивме за канонади со срцепарателни песни кон до болка апатичната публика. Поводот беше одбележувањето на годишницата од раѓањето на рано починатиот бард на македоснката современа поезија Ацо Шопов.  Организатор на поетскиот митинг беше Книжевната младина на Македонија. Дојдоа прочитаа и си отидоа. Само таа остана. Која?

                                                                      ***

Не знам дали тогаш и јас мислев како Регер, ликот од романот „Старите мајстори“ на Бернхард,  дека светот е „полн со пакост и лошотија, лага и измама“, ама знам дека имав потреба да викнам, силно да се провикнам, да слушнат сите, не дека викам, туку оти имам потреба да викам. Ми дојде и мене редот. Се искачив на сцената. Таа 1985 година од боксерскиот рингот, што го користевме како сцена за поетски пев, викнав:

„Генерацијо/Ти дремеш со врамени дипломи: Пред вратите на фабриките/Пред курвите „од тротоарите/Пред кафеаните со обоена светлост/Пред убијците од коловозите/Пред наркоманите од клозетите/Пред самубијците од мостовите/Пред шверцерите од скокаците/Пред корупцијата на водачите/Пред паролите на националистите/Пред задачата на комунстите!“

Сакав да се провикнам за да заечат голите ридишта, за да се смири ветерот штипски: „Сенката од аголот е мојот татко/Триесет години социјалистички работник/Аглите се најдобро место да се подигне гнездо/и да се заштити од грабливците/ќе речеше тој…Дали е марксист?/Тој најдобро прикажува за тоа/ зашто е горд Македонец/…Сенката од аголот е мојот татко/Пали цигара во името на демократијата.“

Како што започна митингот, така и заврши. Сите си отидоа само таа остана. Која е таа?

                                                                     ***

Ако не беше Уметничко-историскиот музеј во Виена , Регер главниот лик од романот „Старите мајстори“ на Бернхард, барем според неговите изјави во романот, немаше да се ожени. Ако не беше митингот на поезијата по повод годишнината од раѓањето на бардот на современата македонска поезија Ацо Шопов, јас немаше да се оженам. Зашто онаа што остана откако сите се разотидоа, и поетите и публикта, беше девојката, која ме чекаше, после изтурениот бес врз светот полн со пакост и лошотија, полн со лаги и измами, да ме кердоса.

                                                                    ***

Ова мое пишување би сакал да го завршам со разрешувањето на мојот внатрешен конфликт. Истиот произлегува од прашањето: Дали некој во нашава Македонија наместо да избере бутик во кој ќе си купи капут, или бутик во кој ќе си купи костум би избрал да присуствува на поетско читање на македонски поети. Односно дали задоволството од шетањето, т.е. купувањето по бутиците може некој да го замени со задовослтвото од присуството на поетско читање на наши македонски поети? Разрешницата на дилемата дава одогвор на прашањето: Му требаат ли некому макдоснките поети? Поточно, му требаат ли некому:

-Поетите што читаат и никој не ги слуша

-Поетите што пишуваат и никој не ги чита

-Поетите што сонуваат а никој не им ги толкува соништата

-Поетите што постојат а никој не знае дека се живи