Skip to main content
Панде Манојлов
НЕДОСТАТОЧНО
Во тие времиња
дамнешни и стари,
дете бев
кога од мојот учител
за прв пат
го чув зборот:
НЕДОСТАТОЧНО!
Кога ги кренав
слабите раменца,
учителот,
како да ме прочита
како што тогаш се читаше
првиот
македонски буквар:
“Ти недостасува ука
да добиеш петка!”
Ете, тоа било НЕДОСТАТОЧНО!
А тогаш,
во тие тешки,
недостаточни времиња,
на нас учениците,
во торбичката
ни недостигаа:
тетратки,
мастило,
моливчиња и гумички…
А дома, на софрите,
ни недостигаше леб,
бело брашно
и бел шеќер.
Само сиромаштија
и среќа имавме на претек!
9.10.2020