Skip to main content
Игор Исаковски
ПИШУВАЊЕ
ти пишувам набрзина, насобрано:
онака како што врне
во оваа мразна пролет
додека гранките натежнуваат
под небесните образи. истура.
ти пишувам во тивка соба:
само звуците од тонската проба
(за тебе свират во мојата глава)
одѕвонуваат. некако е безмилосна
таа музика од наросени слики и
мириси. (пак капки, сега најситни)
мојата нежност е благ навев:
стивнат тон во вителот на светот.
твојот бучен и силен ветар
полека се стивнува пред немоќта.
надвор врне, не и во мене. само провев
ми се разбива низ градите. во секој агол
удира, а јас ти пишувам. додека истура,
додека вода навева кон сите процепи.
ти пишувам како ти пишувам, се обидувам
да… ти пишувам од очај. на најтивко.
чекајќи да се умори небесната вода.
жеден сум.